Достапни линкови

Путин и Асад разговарале за политичко решение на сирискиот конфликт


Рускиот претседател Владимир Путин вчера со Сочи се сретна со сирискиот претседател Башар ал-Асад

Рускиот претседател Владимир Путин вчера со Сочи се сретна со сирискиот претседател Башар ал-Асад. На ненајавената средба, тие разговарале за потребата за преминување од воена операција во Сирија кон барање политичко решение за шестгодишната граѓанска војна во земјата.

До нивната средба дојде два дена пред најавената средба на претседателите на Русија, Турција и Иран, кои утре во Сочи треба да разговараат за рестартирање на мировниот процес во Сирија.

Преговорите за политичко решение на сирискиот конфликт под покровителство на ОН треба да продолжат во Женева на 28 ноември.

Русија и Иран му ја даваат клучната воена поддршка на режимот на Асад во војната во која досега загинаа 330 илјади луѓе, 6,1 милиони се бегалци, а пет милиони луѓе се внатрешно раселени. Турција, пак, ги поддржува бунтовниците кои сакаат да го соборат Асад.

Путин рече дека очекува ОН активно да учествуваат во политичкиот процес, „особено во финалната фаза“.

Изразувајќи благодарност за руската улога во сирискиот конфликт, Асад рече дека „особено откако постигнавме победа над терористите, сакаме напредок во политичкиот процес“.

Путин рече дека има намера денеска да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп.

Ова е второ патување на Асад во Русија на средба со Путин откако почна војната. Првата посета беше во октомври 2015 година, кратко откако Русија ја почна воената кампања за поддршка на силите на Асад во Сирија.

XS
SM
MD
LG