Достапни линкови

Иран и Либан ги отфрлија обвинувањата од Арапската лига, напнатоста расте


Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Бахрам Гасеми

Техеран денеска го отфрли острото соопштение на министрите за надворешни работи од Арапската лига со кое се обвинуваат Иран и проиранската организација Хезболах, оценувајќи дека е тирада „полна со лаги и производ на судискиот притисок и пропаганда“.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Бахрам Гасеми ја повика Саудиска Арабија да ги запре своите „варварски напади“ на Јемен, каде што коалицијата под саудиско водство војува против бунтовниците поддржани од Техеран. Тој исто така ја повика Саудиска Арабија да го укине бојкотот против Катар, кој има добри односи со Иран, пренесуваат иранските медиуми.

Шефовите на дипломатиите од Арапската лига во неделата на состанокот во Каиро ги обвинија Иран и либанската екстремистичка организација Хезболах дека го дестабилизираат регионот, најавувајќи дека ќе се обратат до Советот за безбедност на ОН.

Претседателот на Либан, Мишел Аун, кој е маронитски христијанин и сојузник на Хезболах, исто така го отфрли соопштението на Арапската лига, во кое Хезболах се обвинува за тероризам и за поддршка на терористички организации во регионот.

Либанскиот премиер Саад Харири на 4 ноември ненадејно поднесе оставка додека беше во посета на Саудиска Арабија. Тој рече дека се плаши за својот живот и ги обвини Иран и Хезболах дека се мешаат во арапските земји. Либански политичари изразија сомнеж дека бил натеран од саудиските власти.

Сунитската Саудиска Арабија и шиитскиот Иран долго време се натпреваруваат за превласт во регионот, поддржувајќи различни страни на Блискиот Исток.

XS
SM
MD
LG