Достапни линкови

Собранието ја изгласа пренамената на 1,6 милијарди денари


Собрание на Република Македонија

Собранието со 51 глас „за“, 25 „воздржани“ и ниту еден „против“ денеска ја усвои одлуката за прераспределба на 1,6 милијарди денари меѓу буџетските корисници на централната власт и меѓу фондовите.

Министерот за финансии Драган Тевдовски изјави дека се крати од ставки кои нема да се реализираат, а тие средства ќе се користат за отплата на наталожени обврски.

Тевдовски рече дека се предлага исплаќање на неколку поголеми заостанати долгови: за големата концертна сала за Македонската филхармонија, опрема во МВР, градежни објекти, пред се објектот на Факултетот за драмски уметности, Албанскиот театар во Скопје и театар и библиотеката во Тетово, за преведување и печатење на стручна литература, преводи на книги од реномирани автори и за бесплатни учебници. Според него со оваа отплата ќе се обезбедат заштеди во следните 10 години како резултат на избегнување на плаќање на камати.

Извор за покривање на овие долгови се предложените намалувања од позициите кај кои се забележува послаба реализација.

"Главна причина за ваквата реализација се специфичните услови во текот на оваа година, пред се политичката неизвесност во првата половина на годината, како и локалните избори во втората половина", рече министерот Тевдовски.

Илија Димовски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека крајната цел на одлуката е во ред бидејќи со неа ќе се овоможи 50-ина милиони евра да влезат во стопанството. Но, како што наведе, одлуката е првата целосна дијагноза на Владата на СДСМ за слабостите во планирањето и реализирањето на средствата.

Димовски, на денешната собраниска седница по однос на одлуката за прераспределба на средства меѓу буџетски корисници и порача на Владата да ја земе предвид оваа одлука при реконструкција на владиниот состав.

Во завршниот збор министерот Тевдовски рече дека ваквата одлука не е преседан и оти во 2007 година имало два ребаланса и една пренамена, а не било година на криза, проблеми и доспеани обврски.

XS
SM
MD
LG