Достапни линкови

Тензиите во Зимбабве високи, посети на регионални политичари


Воени возила на улиците на Хараре

Тензиите во Зимбабве се големи откако армијата ја презеде контролата врз главниот град Хараре, во, како што рекоа, операција против криминалците околу претседателот Роберт Мугабе.

Дописникот на Ројтерс од Хараре ги опиша настаните како „очигледен воен удар“, но сè уште е нејасно дали воена операција ќе доведе до окончување на речиси четиридецениското владеење на Мугабе.

Воените лидери на земјата го задржаа Мугабе во неговиот дом доцна на 14 ноември, додека војниците заземаа позиции во главниот град и ја презедоа контролата врз државната телевизија.

Јужноафриканските медиуми јавија претседателот Џејкоб Зума доцна синоќа ги испратил министрите за одбрана и за државна безбедност како регионални претставници во Хараре.

Се очекува тие денеска да се сретнат со Мугабе и со военото водство на Зимбабве, кое негира дека извршило воен удар.

Опозицискиот лидер Морган Цвангираи, кој се лечи од рак во странство, синоќа исто така се врати во земјата, соопшти портпаролот на неговата партија, што ги поттикна шпекулациите дека ќе се разговара за пост-Мугабе политички договор.

Јужноафриканската развојна заедница, на чие чело во моментов е Јужна Африка, денеска треба да одржи состанок во Боцвана на кој ќе се разговара за ситуацијата во Зимбабве.

XS
SM
MD
LG