Достапни линкови

Медведев - ЕУ сака да нè принуди да се откажеме од Северниот тек 2


Рускиот премиер Дмитри Медведев

Рускиот премиер Дмитри Медведев вели дека обидите на ЕУ за регулирање на проектот за гасоводот Северен тек 2 се заради комплицирање на изградбата или принудување на Москва да се откаже од него.

Тој ова го изјави денеска, откако Европската комисија преложи проширување на правилата за внатрешниот европски енергетски пазар со кои ќе биде опфатен и планираниот 1200 километри долг гасовод за пренос на руски природен гас до Германија преку Балтичкото Море.

Европската комисија минатата недела преложи нови регулативи со кои ќе се воведе заедничка надлежност за сите гасоводи што влегуваат во ЕУ, според кои сите гасоводи ќе мора да се усогласат со правилата за транспарентност, пристапност и ефикасност на Унијата.

Претставувајќи го предлогот на 8 ноември, потпретседателот на ЕК Марош Шефчович рече дека Северниот тек 2, за кого рече дека е контроверзен проект, не треба да се гради во правен вакуум.

Северниот тек 2 е ставен во мирување во 2015 година, откако неколку земји го критикуваат проектот, велејќи дека ќе ја продлабочи европската зависност од руски гас.

Рускиот државен енергетски гигант Газпром ќе биде единствениот сопственик на Северен тек 2, иако неколку европски енергетски компании соопштија дека ќе овозможат долгорочно финансирање на половина од цената на гасоводот.

XS
SM
MD
LG