Достапни линкови

Кочан се изјасни за невин за „Труст“


Сеад Кочан

Сеат Кочан, првообвинетиот во предметот „Труст“ денеска на судското рочиште во Кривичниот суд се изјасни за невин за обвиненијата што против него ги изнесе Специјалното јавно обвинителство.

Обвинителот Гаврил Бубевски, пак, во воведното излагање рече дека обвинетите Сеат Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, под превезот на успешен бизнис, со тешка измама, злоупотребиле околу 17 милиони евра. Нивниот мотив, според него, бил на нечесен начин да се добие тендер на АД „ЕЛЕМ“ и со фалсификувана документација, да се добие работниот ангажман.

Тој побара од судот врз основа на приложените докази обвинетите да бидат прогласени за виновни за делата за кои се обвинети.

На почетокот на денешното рочиште, одбраната на обвинетите побара повторно одложување бидејќи не им биле дадени сите докази на увид. Специјалното јавно обвинителство во судницата ѝ ги предаде на одбраната доказите за случајот „Труст“, по што судијката Лидија Трајковска Зимбовска не дозволи одложување на судењето и ја почна главната расправа.

Судењето продолжува на 21 ноември.

XS
SM
MD
LG