Достапни линкови

Пожарот на Градежниот факултет изгаснат, повредени нема


Нема повредени во пожарот што избувна претпладнево на Градежниот факултет во Скопје. Во пожарот, што е целосно изгаснат и се работи на расчистување на теренот, целосно се уништени покривот и три кабинети, а делумно се оштетени два кабинета, изјави за МИА деканот на Градежниот факултет Дарко Мославац.

„Навремено се преземени мерки за евакуација на сите студенти и вработени од факултетот со оглед дека имаше редовна настава. Причинета е голема материјална штета и лошо е што е зафатен покривот што ќе мора итно да се санира, за што ќе имаме координација со колегите од Архитектонскиот факултет“, изјави Мославац, потенцирајќи дека првенствено ќе треба да се стапи во контакт со ЕВН за повторно да се обезбеди електрична енергија во објектот.

Тој информира дека помош веднаш понудиле министрите за образование и наука Рената Дескоска, за транспорт и врски Горан Сугарески, како и ректорот на Универзитетот Свети Кирил и Методиј Никола Јанкуловски.

Како што рече Мославац, во еден кабинет сè уште не е утврдена штетата, а оштетувања настанале и во дел од останатите простории поради активностите за гаснење. Во еден од кабинетите има вредни слики од професор Владо Георгиев.

XS
SM
MD
LG