Достапни линкови

Турскиот премиер заминува на посета во САД


Турскиот премиер Бинали Јилдирим

Делумното издавање визи на турски граѓани во американските дипломатски претставништва во Турција, и покрај тоа што е ограничено, означува почеток кон нормализирањето на односите меѓу Вашингтон и Анкара, изјави денеска турскиот премиер Бинали Јилдирим на прес-конференција пред неговото заминување во САД во официјална посета што ќе трае до 11 ноември.

Тоа е прва посета на турскиот премиер по избувнувањето на несогласувањата околу визната криза меѓу двете земји.

Како што јави МИА, издавањето американски визи за турски државјани беше суспендирано речиси еден месец, што беше проследено со соодветен одговор на Анкара.

Дипломатската криза започна кога турските власти уапсија службеник од турска националност во американскиот Конзулат, поради наводни врски со исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а кого турската Влада го обвинува дека е организатор на обидот за државен удар од 15 јули минатата година.

Американските конзуларни служби во Турција вчера делумно го обновија процесот на издавање визи. Извор од турската Влада наведе дека Анкара најверојатно ќе го следи таквиот чекор на Вашингтон, што би било вовед во надминување на дипломатската криза меѓу двете земји.

Јилдирим посочи дека за време на посетата во САД, ќе бидат разгледани билатералните прашања, како и регионалните проблеми - ситуациите во Сирија, Блискиот Исток, Ирак и Иран, создавањето на зони за деескалација во близина на Идлиб, како и „вознемиреноста на Анкара“ поради Курдската работничка партија и Партијата на демократската унија на сириските Курди.

Најавено е и дека Јилдирим официјално ќе побара екстрадиција на Ѓулен од САД во Турција.

XS
SM
MD
LG