Достапни линкови

Оваа година ќе биде една од најтоплите од кога се мери температурата


Генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петери Таалас

Оваа година ќе биде една од најтоплите од кога се врши мерење, соопшти Светската метеоролошка организација на почетокот на климатската конференција на ОН во германскиот град Бон.

Претставници од речиси 200 земји се среќаваат во Бон од денеска до 17 ноември во обид да го зајакнат климатскиот договор од Париз од 2015 година и покрај најавеното повлекување на САД од договорот.

Минатата година беше најтоплата година од кога постојат податоци, поттикната и од временскиот феномен Ел Нињо, додека 2015 и 2017 заеднички го делат второто место, објави денеска Светската метеоролошка организација во прелиминарниот годишен извештај.

Во извештајот се наведува дека јаглерод диоксидот во атмосферата продолжува да расте, нивото на морињата се зголемува, а покриеноста со мраз на Антартикот е на рекордно ниско ниво.

Средната глобална температура од јануари до септември годинава била за половина целзиусов степен повисока од просечната температура во периодот од 1981 до 2010 година.

Генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петери Таалас, рече дека оваа година имавме вонредни временски услови, посочувајќи ги силните урагани на Атлантикот и Карибите, температурите над 50 целзиусови степени во Пакистан, Иран и Оман, поплавите во Азија и сушите во Источна Африка.

XS
SM
MD
LG