Достапни линкови

Синдикалци реагираат на зголемувањето на платите со Предлог-буџетот за 2018


Министерството за финансии организира отворена дискусија за Предлог-буџет за 2018 година, 02.11.2017

Дел од синдикатите денеска реагираа што со Предлог-буџетот за 2018 година е предвидено зголемување на платите за пет проценти само за вработените во образованието, одбраната и здравството.

Од Самостојниот синдикат на клинички центри преку соопштение посочуваат дека за нив е неприфатливо предложеното покачување на платите во јавното здравство за пет проценти. Според нив ова ќе поттикне дополнително одлевање кадар од државното здравство.

Реагираат и од Синдикатот на УПОЗ наведувајќи дека платите на судската и обвинителската служба не само што не се зголемени во последните години, туку им е скратено и законското право на исплата на надоместоци на плата.

Македонскиот полициски синдикат во соопштението потсетува дека не се реализирани преостанатите две усогласувања од по пет проценти за вработените во Министерството за внатрешни работи.

Синдикатот на културата во нивното соопштение потсетува дека носителите на дејноста во културата земаат пониски плати од просечната нето плата во државата. Оттаму истакнуваат дека во културата формално постои општ колективен договор од 2005 година, но оти тој во пракса не се спроведува поради што бараат изработка на нов закон за култура и нов колективен договор по примерот на западноевропски држави.

Синдикатите бараат средба со претседателот на македонската Влада, министерот за финансии и со ресорните министри.

XS
SM
MD
LG