Достапни линкови

Саљији - Деновиве ќе биде испратено барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски


Министерот за правда Билен Саљији денеска изјави дека деновиве официјално ќе биде потпишано и доставено барањето за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски од Грција во Македонија.

Саљији, кој присуствуваше на презентацијата на извештајот за соработката со француската Национална академија за правосудство, потврди дека Кривичниот суд на 1 ноември ја комплетирал потребната документација за екстрадиција и ја доставил до Министерството за правда на понатамошно постапување.

Грујевски и Бошкоски се во екстрадициски притвор во Солун. Тие два пати беа изведени пред Судот во Солун поради поседување лажни патни исправи, но судењето беше одложено за 1 декември поради немање преведувач од грчки на македонски јазик.

Тие се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.

Двајцата беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.

XS
SM
MD
LG