Достапни линкови

На Горан Грујевски ќе му се суди во отсуство за случајот „Тврдина 2“


Архивска фотографија: Горан Грујевски пред Основниот суд Скопје 1 по едно од рочиштата за Тврдина 2

На првообвинетиот во случајот „Тврдина 2“, Горан Грујевски, поранешен началник на Петтата управа во УБК, ќе му се суди во отсуство, одлучи денеска судијката Лидија Петровска.

На денешната главна расправа по овој предмет, Петровска го отфрли барањето на Љупчо Шврговски, адвокат на Грујевски, да се одложи судењето на неопределено време, додека не се заврши неговата екстрадиција од Грција во Македонија.

Повикувајќи се на Законот за кривична постапка, Шврговски посочи дека доколку му се суди во отсуство, ќе му биде повредено правото на одбрана.

Обвинителите на СЈО, Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска, пак, ги отфрлија ваквите аргументи како неосновани бидејќи, според нив, судењето во отсуство на Грујевски не му го ускратува правото да бара повторување на постапката.

„Доколку биде екстрадиран, а се надеваме дека ќе биде, нема да му биде ускратено правото да побара да му се суди во присуство“, рече Пеливанов.

Судењето продолжи зад затворена врата бидејќи се изведуваат докази декласифицирани само за судската постапка.

Првообвинетиот Грујевски е во екстрадициски притвор во Грција каде заедно со неговиот поранешен колега од УБК Никола Бошкоски беа уапсени на аеродромот во Солун со лажни пасоши.

Предметот „Тврдина 2“ се однесува на уништување на службена документација поврзана со незаконското прислушување. Обвинети се поранешниот началник на УБК Горан Грујевски и уште шестмина вработени во УБК. Во овој случај Никола Бошкоски треба да биде сведок.

XS
SM
MD
LG