Достапни линкови

Самоубиствен бомбашки напад во дипломатската зона во Кабул


Полицајците им помагаат на повредените во денешниот напад во Кабул

Најмалку тројца луѓе загинаа, а 15 се повредени во самоубиствен бомбашки напад во дипломатската зона Вазир Акбар Хан во главниот град на Авганистан, Кабул. Во таканаречената „зелена зона“ има многу странски амбасади и претставништва на меѓународни организации. Нападот се случил на околу 500 метри од американската амбасада.

Сè уште не позната целта на нападот, за кој одговорноста ја презеде Исламската држава.

Министерството за одбрана соопшти дека бомбашот бил на мотоцикл. Го поминал првиот контролен пункт и кога бил запрен на вториот го активирал експлозивот. Портпаролот на полицијата во Кабул рече дека бомбашот самоубиец имал 12 или 13 години.

Талибанците и Исламската држава ги засилија нападите врз авганистанските безбедносни сили и врз џамиите. Во изминатиот месец се случија неколку напади во и околу Кабул, вклучувајќи го и нападот врз шиитска џамија во градот во кој загинаа повеќе од 50 луѓе. Во друг напад во армиски центар за обука загинаа најмалку 15 војници.

На 31 мај беше извршен голем напад со камион полн со експлозив во близина на германската амбасада во дипломатската зона во Кабул. Загинаа околу 150 луѓе, а повеќе од 400 беа ранети.

XS
SM
MD
LG