Достапни линкови

Манафорт ги отфрла обвиненијата


Поранешниот шеф на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт и неговиот соработник Рик Гејтс,

Поранешниот шеф на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт и неговиот соработник Рик Гејтс, се изјаснија дека не се виновни пред федералниот суд во Вашингтон, откако претходно им се предале на властите. Тие се изјасниле дека се невини по сите обвиненија против нив, пренесуваат странските медиуми и агенции. Тие се обвинети по 12 точки, вклучително заговор против САД, заговор за перење пари, кршење на закони за лобирање и банки, делување како нерегистрирани странски застапници, давање лажни изјави и неколку обвиненија во врска со тоа што не пријавиле сметки во странски банки.

Судските извештаи за денешниот ден, покажуваат и дека поранешниот советник за надворешна политика во претседателската кампања на Трамп, Јоргос Пападопулос, се изјаснил дека е виновен што го лажел ФБИ за неговите контакти со Русија.

Ова се први обвиненија кои произлегуваат од истрагата на Специјалниот советник Роберт Милер за наводното руско мешање во претседателските избори во 2016 година и евентуалниот дослух со соработници на Трамп.

Денешните обвиненија против двајцата поранешни соработници на Трамп, немаат никаква врска со претседателот на САД и со неговата кампања, вели портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

„Од првиот ден говориме дека нема никакви докази за врските меѓу Трамп и Русија и ништо од денешните обвиненија не го промени тоа“, изјави Сандерс.

Претходно Трамп на Твитер напиша дека овие обвиненија се однесуваат на времето пред Манафорт да се приклучи на неговата кампања.

Манафорт се повлече од кампањата на Трамп во август 2016 година, по извештаите дека лобирал за про-руска украинска партија, но тоа не го пријавил. Тој негираше дека сторил нешто незаконско.

Американските разузнавачи во јануари заклучија дека рускиот претседател Владимир Путин наредил „кампања за влијание“ за претседателските избори во САД во 2016 со цел да ја поткопа довербата во американската демократија, да ја оцрни противкандидатката на Трамп, Хилари Клинтон и да му помогне на Трамп. Русија ги негира обвинувањата, а Трамп демантира дека негови соработници биле во дослух со руските претставници.

XS
SM
MD
LG