Достапни линкови

МОСТ - Вториот круг од изборите се спроведе во фер и демократска атмосфера


Дарко Алексов

Гласањето и во вториот круг од локалните избори се спроведе во фер и демократска атмосфера, а граѓаните слободно можеа да го дадат својот глас, е прелиминарната оценка на Граѓанската асоцијација МОСТ, резултат на извештаите и информациите добиени од нивните набљудувачи.

Дарко Алексов од МОСТ на денешната прес-конференција истакна дека во текот на денот набљудувачите најчесто јавувале за случаи на групно или семејно гласање и фотографирање на гласачките ливчиња, но како што рече, фреквенцијата на сите видови забележани неправилности била намалена споредено со првиот изборен круг.

Од МОСТ посочуваат дека и во вториот круг имало брза и ефикасна реакција на институциите во текот на гласањето во однос на забележаните неправилности во и надвор од гласачките места, како и отстранување на техничките предизвици при спроведувањето на гласањето кои биле забележани во првиот круг.

Од МОСТ посочуваат и дека гласањето на болните и немоќни лица ден пред изборите на местата каде имала свои набљудувачи генерално било спроведено во согласност со процедурите, а гласањето на лицата во затвор било спроведено со истиот проблем како и во првиот круг односно поголем број лица не можеле да се најдат во Избирачкиот список.

XS
SM
MD
LG