Достапни линкови

Манафорт им се предаде на ФБИ за истрагата за руско мешање во изборите


Пол Манафорт

Поранешниот шеф на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп, Пол Манафорт им се предал на федералните власти во врска со истрагата на специјалниот советник Роберт Милер за наводното руско мешање во претседателските избори во 2016 година и евентуалниот дослух со соработници на Трамп.

Манафорт пристигнал во седиштето на ФБИ во Вашингтон, кратко откако Њујорк тајмс и Си Ен Ен, повикувајќи се на неименувани извори, објавија дека Манафорт и поранешниот бизнис соработник Рик Гејтс се повикани да им се предадат на властите.

Асошиејтед прес објави дека и Гејтс им се предал на властите.

Манафорт беше под истрага за прекршување на федералниот закон за данок, перење пари и за непријавување на странско лобирање. Вол стрит џурнал објави дека тој ќе биде обвинет и за даночна измама.

Американските разузнавачи во јануари заклучија дека рускиот претседател Владимир Путин наредил „кампања за влијание“ за претседателските избори во САД во 2016 со цел да ја поткопа довербата во американската демократија, да ја оцрни противкандидатката на Трамп, Хилари Клинтон и да му помогне на Трамп. Русија ги негира обвинувањата, а Трамп демантира дека негови соработници биле во дослух со руските претставници.

Овие обвиненија ќе бидат првите од истрагата на Милер, кој беше назначен за специјален советник во мај за да ја предводи истрагата на Министерството за правда.

Белата куќа не сакаше да коментира.

Како дел од истрагата, Милер ја разгледуваше улогата на Манафорт во кампањата на Трамп, но и неговите активности во Украина.

Манафорт се повлече од кампањата на Трамп во август 2016 година, по извештаите дека лобирал за про-руска украинска партија, но тоа не го пријавил. Тој негираше дека сторил нешто незаконско.

XS
SM
MD
LG