Достапни линкови

Промени и во владата и во Собранието по локалните избори


Архивска фотографија: Собраниска седница

Резултатите од локалните избори ќе доведат до промени и во владиниот и во парламентарниот состав, откако некои пратеници и министри беа избрани за градоначалници.

Министерот за здравство Арбен Таравари, како кандидат на Алијансата за Албанците, беше избран за градоначалник на Гостивар, министерот без ресор Рамиз Мерко од ДУИ е избран за градоначалник на Струга, а заменик министерот за образование Висар Ганиу од ДУИ е избран за градоначалник на Чаир.

Пратениците Билал Касами од Беса и Бардуљ Даути од ДПА поднесоа оставки пред изборите и се кандидираа за прв човек на Тетово, но изгубија од Тетута Арифи од ДУИ. Следни на листата од нивните партии за да станат пратеници се Неџбедин Каремани, односно Мерал Узаири Ферати.

Пратеничката група на СДСМ исто така ќе претрпи персонални промени откако градоначалници станаа Петре Шилегов на Скопје, Стефан Богоев на Карпош, Курто Дудуш на Шуто Оризари, Максим Димитриевски на Куманово, Сашко Поцков на Гевгелија, Коста Јаневски на Струмица и Благој Бочварски на Штип.

Нивните пратенички места се очекува да ги заземат Татијана Лалчевска, Анета Симеска-Димоска, Лидија Тасевска, Ристе Ташев, Костадин Костадинов, Агим Муртезанов и Костадин Ацевски.

Промени во парламентарните соодноси се очекуваат и откако меѓу двата круга Чедомир Саздовски од ГРОМ го извести претседателот на Собранието Талат Џафери дека ќе функционира како независен пратеник, а не како дел од пратеничка група на опозицијата.

XS
SM
MD
LG