Достапни линкови

Земан – Не го давам мандатот на друг, или Бабиш или нови избори


Демонстрантка носи постер со кој бара оставка од лидерот на АНО Андреј Бабиш и претседателот на Чешка Милош Земан на протест пред Прашкиот замок на 17 октомври 2017

Чешкиот претседател Милош Земан им се закани на политичките партии во земјата кои одбиваат да влезат во владата на чешкиот тајкун Андреј Бабиш, чија партија АНО победи на изборите, велејќи дека или Бабиш ќе формира влада или ќе бидат распишани предвремени парламентарни избори, но не го дава мандатот на друг кандидат. Останатите партии не сакаат да коалицираат со Бабиш, велејќи дека не сакаат коалиција со човек кој е под истрага за злоупотреба на фондовите на ЕУ.

Бабиш победи на изборите одржани во петокот и во саботата со освоени 30 отсто од гласовите, додека втората најсилна партија во парламентот, конзервативната Граѓанска демократска партија(ОДС), освои околу 11 отсто од гласовите.

Во редовното неделно интервју на приватната ТВ Барандов, Земан рече дека истрагата и евентуалното судење за Бабиш може да трае со години, спротивставувајќи се на аргументите на другите партии дека не може да коалицираат со човек што е под истрага за проневера на европски фондови преку една од неговите компании. Земан вели дека Бабиш е невин сè додека не биде осуден.

Засега во владата на Бабиш сакаат да влезат само десничарските екстремисти на Томио Окамура, кои бараат исламот да се забрани со закон во Чешка. Бабиш, пак, и пред и после изборите изјави дека не ги сака екстремистите во својата влада.

Лидерот не екстремистите Томио Окамура, кој ја предводи антиимигрантската и исламофобна партија со слоганот „Чешка на Чесите“ потекнува од мешан брак меѓу Јапонец и Чехинка, а во Чешка се доселува од Токио каде што претходно живеел.

XS
SM
MD
LG