Достапни линкови

За четири дена над 1000 гостиварци побарале лекарска помош


Болница „Ферид Мурад“ во Гостивар

Над илјада лица со зголемена температура, малаксаност и стомачни тегоби изминатите четири дена побарале медицинска помош на инфективното одделение во Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар, јави МИА.

Зголемниот обем на работа ги исполнил капацитетите на инфективното одделение, а болничката управа решила да ги користи капацитетите од другите одделенија.

„Последниве две недели кај нас е евидентен зголемениот број на пациенти кои имаа слична клиничка слика и симптоми на повраќање, пролив, малаксаност и зголемена температура. Изминативе три дена денови, помош на нашето одделение побарале и по 150 пациенти дневно. Од крвните анализи добиваме резултати дека станува збор за бактериска инфекција“, истакна д-р Ратко Наумоски, инфектолог во одделението.

Тој потврди дека поголемиот дел од пациентите по добиената терапија се чувствуваат подобро и не се враќаат на дополнителен третман. Засега немало пациент со потешка клиничка слика.

Од гостиварското одделение на Центарот за јавно здравје, потврдуваат дека кај нив е пријавено зголемување на бројот на пациенти и дека во тек се дополнителни испитувања кои би дале одговор за ваквата состојба.

- Ние сме во тек и ги анализраме состојбите со ентероколитите во гостиварскиот регион. Земени се и анализрани се примероци од водата за пиење од градскиот водовод, но засега нема микробилошко загадување. Хлорирањето е редовно“, вели д-р Берун Мустафа специјалист за хигиена од Центарот за јавно здравје.

XS
SM
MD
LG