Достапни линкови

Иванов - Занимавајќи се сама со себе, Унијата го забави проширувањето


Брисел - Претседателот Ѓорге Иванов зборува на Форумот „Кран Монтана“, 26.10.2017

Јазот меѓу заедничките цели на Европската унија и посебните интереси на државите-членки е се поголем. Сево ова придонесува наместо подлабока интеграција да имаме се поизразена регионализација. Државите се повеќе се групираат со цел поуспешно да се справуваат со предизвиците, но и подобро да ги користат можностите, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, во своето второ обраќање на форумот „Кран Монтана“, што се одржува денеска во Брисел, на сесијата посветена на соседската политика на ЕУ со посебен фокус на „Иницијативата три мориња“.

Како што јавува МИА, претседателот посочи дека нерешената финансиска, актуелната мигрантска и растечката безбедносна криза делумно ги парализираа европските институции.

„Занимавајќи се сама со себе, Унијата го забави проширувањето и го запостави истокот и југоистокот на континентот“, рече Иванов.

Тој истакна дека инфраструктурното поврзување е особено значајно за земјите кои се уште не се дел од ЕУ.

„Затоа, Македонија ги поддржува проектите за изградба на Јадранско-јонската магистрала, железницата Минхен-Истанбул, брзата пруга Будимпешта-Белград што преку Македонија треба да продолжи кон Пиреја, Коридорот 8 и каналот Вардар–Морава–Дунав“, посочи претседателот Иванов.

Тој ја потенцираше и потребата од брза европска и евроатланска интеграција и зголемување на регионална соработка на полето на безбедноста.

XS
SM
MD
LG