Достапни линкови

Кумуцакос - Грчката влада нема единствена позиција за прашањето за името


Архивска фотографија: Министерот за надворешни работи Никола Димитров на средба со Јоргос Кумуцакос во Атина

Пратеникот на грчката опозициска партија Нова демократија задолжен за надворешна политика, Јоргос Кумуцакос, повторна ја нападна грчката влада за тоа дека нема заедничка и единствена позиција за прашањето за името. Кумуцакос, во интервју за државната агенција АПЕ-МПЕ, изјави дека, за разлика од владините партнери, неговата партија има јасен став за името, оној од Букурешт од 2008.

Тој вели дека актуелната влада во Грција е поделена на три дела за ова, како што вели, важно прашање.

„Од една страна, според Кумуцакос, се министерот за финансии Цакалотос, министерот за образование Гавроглу, советникот на премиерот, Караникас, поранешната министерка Христодулопулу, со друг став е шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, а сосема трет има министерот за одбрана и коалиционен партнер Панос Каменос кој не ја крие неговата позиција дека е против терминот Македонија да биде вклучен во името на соседната земја“, објаснува Кумуцакос.

„Од една страна, високи владини функционери во 2008, непосредно пред националната битка во Букурешт, потпишаа текст во кој го поддржуваат името „Македонија“. Велеа дека не постои никаков „национален интерес“ што би бил загрозен, ако на соседната земја ѝ се даде можност да го задржи уставното име. Тогаш, секако, говореа за „непосредна интеграција на Република Македонија во НАТО“. Од друга страна, господинот Коѕијас ја има присвоено позицијата за сложено име со географска одредница пред зборот Македонија, кое ќе важи за сите (ерга омнес), за секоја употреба и внатрешна и меѓународна. Господинот Каменос и неговите пратеници, пак, имаат спротивни позиции“, објаснува Кумуцакос во интервјуто за грчката државна новинска агенција.

Во изминатиот овој виден член на опозициската Нова демократија сѐ погласно и поинтензивно коментира дека Грција не може да влегува во преговори со министер за надворешни работи и за одбрана со дијаметрално спротивни позиции во спорот со името.

XS
SM
MD
LG