Достапни линкови

Медицинска студија - Девет милиони луѓе годишно умираат од загадувањето


Смог во Скопје на 14 ноември 2016

Загадувањето убива најмалку 9 милиони луѓе и чини скоро пет билиони долари годишно, покажува опсежната студија објавена во британскиот медицински журнал Лансет. Во студијата објавена денеска се наведува дека еден од шест прерани смртни случаи во 2015 година може да се припише на изложеност на токсини од воздухот, водата или од почвата.

Иако проценката од 9 милиони смртни случаи годишно се опишува како „конзервативна“, тоа е над три пати поголема од бројот на луѓе кои годишно умираат од СИДА, туберкулоза и маларија заедно и над 15 пати повисока од бројот на загинати во војни или од други форми на насилство.

Ова е прва студија која ги прибира податоците од болестите и смртните случаи предизвикани од загадувањето на воздухот, водата и почвата.

„Загадувањето е голем проблем зашто луѓето не го гледаат, поради тоа што гледаат само расфрлани делови од него“, вели главниот автор на студијата, епидемиологот Филип Ландриган за Асошиејтед прес.

Индија е држава со најголем број предвремени смртни случаи поради загадувањето. Се проценува дека во 2015 имало 2,5 милиони смртни случаи.

Кина е втора, со 1,8 милиони смртни случаи поради загадувањето во 2015 година.

Во извештајот исто така се споменати Пакистан, Бангладеш, Северна Кореја, Јужен Судан и Хаити.

XS
SM
MD
LG