Достапни линкови

Ердоган до САД - Немаме потреба од вас


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на средба со окружни гувернери во Анкара упати остри критики кон САД, обвинувајќи ги за заговор против Турција.

„Немаме потреба од вас. Доволно стоиме цврсто“, порача Ердоган на средбата, додавајќи дека САД планираат „да формираат терористички коридор на јужните граници“ на Турција.

Станува збор за териториите во северна Сирија, долж границата со Турција, кои се под контрола на сириските Курди. Анкара ја смета нивната организација за огранок на забранетата Курдската работничка партија.

Ердоган нагласи дека Турција води „втора ослободителна војна“ соочувајќи со удари „и од внатре и од надвор“, при што ги обвини САД дека ги користат своите „пиони“ за да ѝ се спротивстават на земјата.

„Кој може да гарантира дека терористичкиот коридор ќе биде за борба против Исламската држава. Целта на терористичкиот коридор е да се опколи Турција“, додаде Ердоган.

Според него, САД се обидуваат да ја „турнат Турција на колена со примена на валкани планови и со помош на терористички организации“.

Ердоган најави и дека во иднина турската полиција повеќе нема да носи пиштоли од американско производство, туку полицајците ќе бидат опремувани со оружје произведено во Турција.

XS
SM
MD
LG