Достапни линкови

Трамп против даночните олеснувања за НФЛ поради клечењето на фудбалерите


Играчите на Индијанаполис Колтс клечат за време на интонирањето на химната пред почетокот на натпреварот со Кливленд Браунс на стадионот Лукас оил во Индијанаполис во Индијана на 24 септември 2017

Американскиот претседател Доналд Трамп повика на измени на американскиот закон за данок за да се укинат даночните олеснувања на националната фудбалска лига(НФЛ), поради тоа што дел од црните играчи на американски фудбал во знак на протест клечат додека се интонира химната. Трамп смета дека тоа е непочитување на земјата.

„Зошто НФЛ добива големи даночни олеснувања додека истовремено не ја почитува нашата химна, знаме и држава? Сменете го законот за данок“, напиша Трамп на Твитер.

Црните професионални играчи на американски фудбал, во знак на протест против последните случаи на полициско насилство врз црнци осомничени за криминал, клекнуваат на едно колено додека се свири американската химна, наместо како по обичај да стојат мирно. Трамп смета дека тоа е непочитување на државата.

Потпретседателот Мајк Пенс завчера го напушти натпреварот во професионален фудбал меѓу Индијанаполис Колтс и Сан Франциско 49 во неговата матична држава Индијана поради тоа што некои од играчите клечеа додека се свиреше американската химна.

„Денеска го напуштив натпреварот на ’Колтси‘ зашто претседателот Трамп и јас нема да му укажеме почит на ниеден настан на кој не се почитуваат нашите војници, нашето знаме или нашата национална химна“, се наведува во соопштението на Пенс што го објави Белата куќа.

Протестот на црните фудбалери предизвика бројни жестоки полемики во американската јавност. Сенаторот Џејмс Ланкфорд изјави дека руски платени коментатори ги распалуваат страстите кај двете страни во и онака вжештената јавна дебата на социјалните мрежи.

XS
SM
MD
LG