Достапни линкови

Србите незадоволни од ослободителната пресуда на Насер Ориќ


Лидерите на Република Српска и на Србија остро реагираа на денешната ослободителна пресуда за поранешниот командант на босанската Армија во Сребреница, Насер Ориќ од страна на Судот во Босна и Херцеговина. Претседателот на Република Српска, Милорад Додик во својата реакција ги повика претставниците на босанските Срби да ги напуштат сите институции на Обвинителството на Босна и Херцеговина. Според него, ослободителната пресуда на Насер Ориќ е доказ дека нема казни за злосторствата над Србите и дека е доволно „само Бошњак да му суди на Бошњак и тој ќе биде ослободен“. Тој нагласи дека сведоците во процесот биле заплашувани цели девет години, колку што трае судењето.

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека ослободителната пресуда за Ориќ укажува дека Србија „ќе мора сама да се бори за правда“.

„Ниту Харадинај, ниту Ориќ никогаш нема да бидат виновни, според нивните судови. Никој никогаш нема да биде виновен, а најмногу Срби настрадаа на просторите на поранешна Југославија. Срби и Бошњаци“, рече Вучиќ, додавајќи дека сепак „вистината не може да ја сокрие ниту еден суд“.

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ смета дека ослободителната пресуда на Ориќ е порака дека за злосторствата над Србите никој не одговара. Поранешниот командант за одбрана на Сребреница Насер Ориќ, кого Бошњаците го сметаат за воен херој, а Србија го обвинува за воени злосторства над локални Срби, откако денеска беше ослободен од обвинението од Суд во БиХ, изјави дека правдата е задоволена.

XS
SM
MD
LG