Достапни линкови

Аграмунт поднесе оставка на позицијата претседател на ПССЕ


Шпанскиот политичар Педро Аграмунт

Шпанскиот политичар Педро Аграмунт денеска поднесе оставка на позицијата претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа(ПССЕ), само три дена пред најавеното гласање за негово разрешување. Тој на Твитер напиша дека се повлекува од лични причини.

Предлогот за разрешување беше поднесен откако Аграмунт им се придружи на руските пратеници на патување во Сирија, каде што се сретнаа со претседателот Башар ал-Асад. Тој тврди дека во Сирија отпатувал како шпански сенатор и рече дека прво отишол во Москва од каде што со руски авион полетал кон Дамаск.

Аграмунт, кој се смета за проруски политичар, работеше да ја врати Москва во Собранието откако на руската делегација ѝ беше одземено правото на глас во 2014 година. Оттогаш Русија ги бојкотира седниците на ПССЕ и не пријави своја делегација за актуелниот состав на собранието кој почна во јануари.

По оставката на Аграмунт, потпретседателот на ПССЕ, британскиот конзервативец Сер Роџер Гејл автоматски станува в.д. претседател.

Аграмунт останува член на шпанската делегација во ПССЕ.

XS
SM
MD
LG