Достапни линкови

Шпанската влада им се извини за тепањето на Каталонците


Претставникот на шпанската влада во Каталонија Енрик Мило се извини за насилствата од шпанската полиција врз луѓето кои се обидуваа да гласаат на забранетиот референдум во неделата.

„Кога ги гледам сликите и уште повеќе кога знам дека луѓето биле удирани, туркани, па дури и едно лице е хоспитализирано, не можам да помогнам, освен да изразам жалење и да се извинам во име на полицајците што интервенираа“, рече тој во телевизиско интервју.

Ова е прво извинување од претставник на владата во Мадрид за судирите во недела и може да се смета како гест за помирување со каталонските лидери кои планираат еднострано прогласување на независноста на регионот.

Според каталонските здравствени власти, во полициската акција имало 900 повредени. Акцијата беше мета на критики од организациите за човекови права поради прекумерна употреба на сила врз цивилното население.

Претходно, портпаролката на каталонскиот парламент рече дека регионалниот лидер Карлес Пуџдемон побарал на пратениците да им се обрати во вторник, што е спротивно на претходните најави дека ќе прогласи независност в понеделник. Пуџемон сакал да зборува за „политичката ситуација“.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој понуди разговори за наоѓање решение и ја отвори вратата за поголема автономија за Каталонија, но ја отфрли независноста и го одби каталонскиот предлог за меѓународно посредување.

Во меѓувреме, шпанската влада предложи закон со кој им се олеснува на фирмите од Каталонија да водат бизнис во цела Шпанија.

XS
SM
MD
LG