Достапни линкови

Судир на воз и автобус во Русија, 16 загинати


Најмалку 16 луѓе загинаа рано изутрината кога воз удри во автобус со узбекистански патници на железнички премин кај градот Владимир, 190 километри источно од Москва, информира полицијата.

Во автобусот со казахстански регистарски таблички имало 55 патници Узбекистанци и двајца казахстански возачи, информира казахстанското МНР. Еден од возачите загинал.

Рускиот истражен комитет првично соопшти дека има 19 загинати, но подоцна ја спушти бројката на 16, меѓу кои и едно дете, но оти бројката може да се зголеми со оглед на тоа што има и повредени кои се пренесени во болница.

Регионалното Министерство за внатрешни работи соопшти дека автобусот се обидел да помине преку пругата и покрај тоа што било вклучено црвено светло и на сред пруга изгаснал. Повеќето патници спиеле во моментот на ударот.

„Возачот почнал да вика и 34 луѓе истрчале од автобусот да го истуркаат. Токму тие преживеале. Тие што останале во автобусот загинале. Буквално беше распаднат“, изјави портпаролката на регионалното Министерство за внатрешни работи Рита Шљахова.

Во возот кој одел од Санкт Петерсбург до Нижни Новогород нема загинати.

Засега не е позната крајната дестинација на автобусот, но многумина Узбекистанци, како и луѓе од другите поранешни советски републики во Централна Азија доаѓаат на печалба во Русија.

XS
SM
MD
LG