Достапни линкови

Седумнаесет години од соборувањето на Слободан Милошевиќ


Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Белград на 5 октомври 2000

Пред 17 години заврши владеењето на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, а одбележувањето на петтооктомвриските демонстрации веќе речиси и да не постои.

Според српските медиуми, 5 октомври помалку претставува некаков празник, а многу повеќе симбол на прокоцкана доверба и неисполнети очекувања.

Актуелен претседател на Србија и лидер на најмоќната партија во земјата СНС е Александар Вучиќ, некогашен министер во владата на СПС-СРС-ЈУЛ, а денес на власт е и портпаролот на Милошевиќ - Ивица Дачиќ, потоа Александар Вулин, но и еден од лидерите на ДОС - Расим Љајиќ.

Протестите на 5 октомври почнаа бидејќи Милошевиќ одби да ги признae резултатите од изборите за претседател на СР Југославија од 24 септември 2000 година, на кои изгуби од кандидатот и лидер на Демократската партија на Србија, Војислав Коштуница.

Демонстрантите пристигнаа во Белград од цела Србија, со автобуси, автомобили и со камиони во колони долги десетина километри. Тие со булдожери ги пробиваа полициските блокади на патиштата и се собраа пред Сојузното собрание во центарот на градот.

Во вечерните часови, од терасата на градското собрание на Белград, на граѓаните им се обрати новиот претседател на СРЈ, Војислав Коштуница, а следниот ден, 6 октомври, Милошевиќ го призна изборниот пораз и му честиташе на Коштуница.

Слободан Милошевиќ беше уапсен во април 2001 година, под обвинение за финансиски малверзации, а два месеца подоцна беше испорачан на Хашкиот трибунал каде му беше судено за геноцид во Босна и Херцеговина, како и за воени и злосторства против човештвото во Хрватска и на Косово.

Почина на 11 март 2006 година од инфаркт, во притвор на Хашкиот трибунал.

XS
SM
MD
LG