Достапни линкови

Уште едно одложено рочиште за „шамарите“


Архивска фотографија: Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски пред Кривичниот суд во Скопје по судење за „шамарите“ за Жерновски на 22 февруари 2017

Одложено е рочиштето за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Насилство во општина Центар“. Причината за шестото одложување на овој предмет е отсуство на еден од десетината обвинети. Во Основниот суд Скопје 1 се појави и лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски како првообвинет во предметот познат во јавноста како „Шамари“. Покрај него, обвинети во овој предмет се и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката Даниела Рангелова со уште 11-мина други обвинети.

Тие се товарат за поттикнување на насилство во општината Центар кое се случи во 2013 година, откако група граѓани кои се претставуваа како граѓанска иницијатива Веритас, насилно се обидеа да влезат во општината под изговор дека ја „бранат“ црквата „Свети Констатин и Елена“ од наводните закани за рушење.

Како дел од бомбите на тогашната опозиција пред две години беа објавени незаконски прислушувани разговори во кои, како што тврдеше опозицијата, се слуша дека Груевски му порачува на поранешниот министер Јанакиевски да донесе неколку „граѓани“ кои ќе му удрат два, три шамари на градоначалникот на општината Андреј Жерновски.

Инаку Апелациониот суд неодамна донесе одлука со која се дозволува прислушуваните разговори во овој случај да се користат како докази во судската постапка.

XS
SM
MD
LG