Достапни линкови

Две години принудна работа за лидер на Кримските Татари


Илми Умеров

Судот во Крим, кој е под руска окупација, денеска го осуди лидерот на Кримските Татари, Илми Умеров, за сепаратизам. Западот го смета случајот за политички мотивиран.

Судот во Симферопол, главен град на Крим, го осуди 59-годишниот Умеров на две години принудна работа. Казната значи дека тој ќе живее во колонија во близина на индустриски објект или фарма на која ќе мора да работи.

Умеров, кој е заменик претседател на Меџлисот, претставничкото тело на Кримските Татари, е отворен критичар на руската анексија на украинскиот Крим во 2014 година и прогонот на Кримските Татари.

Во август минатата година тој беше затворен во психијатриска болница, а Хјуман рајст воч оцени дека тоа е огромно кршење на неговите права.

На судењето на 20 септември, тој рече дека обвинението против него има единствена цел „да ги казни оние што се противат на анексијата“.

„Анексијата ја нарекувам анексија, а властите поставени од Русија ги нарекувам окупациски власти“, рече тој пред судот.

Умеров рече дека се смета само за граѓанин на Украина.

Претходно, за слични обвиненија беше осуден соработникот на Радио Слободна Европа од Крим, Микола Семена.

XS
SM
MD
LG