Достапни линкови

Заев: Владата ќе овозможи услови за фер и демократски избори


Архивска фотографија-Зоран Заев, премиер

Сите институции инволвирани во изборниот процес, вклучително и политичките партии, треба да придонесат во спроведувањето на фер и демократски избори, рекол премиерот Зоран Заев на денешната средба со амбасадорката Одри Гловер, шеф на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Република Македонија. На средбата, како што соопшти службата на информирање на Владата, тој посочил дека поучени од како што навел лошо организираните избори од минатото, не смее да дозволи поради изборни нерегуларности да се доведат во прашање евроатлантски аспирации на земјава.

Посочувајќи дека спроведувањето на изборниот процес е еден од клучните критериуми за исполнување на стратешките цели на Република Македонија, премиерот Заев ги истакнал цврстите заложби на Владата за строги санкции за секој поединец или организација кои ќе се осмелат да се впуштат во прекршување на регуларноста на изборниот процес, како во предизборието, така и на денот на изборите.

Заев, како што пишува во соопштението, ја замолил шефицата на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, навремено да го информира за сите обиди за нарушување на регуларноста на избирачкиот процес, за да не се дозволи никаков пропуст кој ќе предизвика оспорување на легитимноста на изборите.

„Би сакал да сугерирам, да се посвети повеќе внимание на забелешките на опозицијата, не само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на сите опозициски партии. На овие избори Македонци ќе гласаат за Албанци, и Албанци ќе гласаат за Македонци, тоа е една солидна гаранција за заедничка иднина, која цврсто верувам дека ќе ферментира во една позитивна пракса во иднина“ рекол премиерот во разговорот соГловер.

XS
SM
MD
LG