Достапни линкови

Кремљ негира вмешаност во руските Фејсбук реклами за американските избори


Кремљ негира каква било вмешаност во руските реклами на Фејсбук кои беа објавувани за време на кампањата за минатогодишните претседателски избори во САД.

„Не знаеме кој ги објавил рекламите на Фејсбук и како“, изјави портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитри Песков, додавајќи дека руската влада нема ништо со тоа.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер ги оцени новинските извештаи во врска со руското мешање на изборите како „измама“.

„Руската измама продолжува, сега со реклами на Фејсбук“, напиша денеска Трамп.

Тој исто така ги обвини американските медиуми дека „се целосно пристрасни и нечесни“ при известувањето за неговата демократска противкандидатка Хилари Клинтон.

Фејсбук соопшти дека планира да им ја достави на американските конгресни истражители содржината на 3.000 политички реклами, кои, како што соопштија, биле платени од оперативци од Русија пред и кратко по изборите во ноември 2016 година. Директорот на Фејсбук, Марк Цукерберг, под притисок да спречи употреба на неговата социјална мрежа за изборни манипулации, вчера изјави дека ја поддржува истрагата на американскиот Конгрес. Цукерберг најави дека рекламирањето на Фејсбук ќе стане потранспарентно, за луѓето да може да видат кои реклами се објавуваат во врска со изборите.

XS
SM
MD
LG