Достапни линкови

Меркел е подготвена дополнително да ја ограничи економската соработка со Турција


Германската канцеларка Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел во изјава за телевизијата АРД најави дека Берлин може да преземе дополнителни мерки за ограничување на економската соработка со Турција поради кризата во билатералните односи.

„Ние веќе ја ограничивме економската соработка. Ако е потребно ќе продолжиме тоа да го правиме, се разбира јас тоа не го посакувам“, посочи Меркел.

Таа додаде дека во дијалогот со турските власти „нештата треба да се нарекуваат со сопствените имиња“, но оти не планира да ги прекине односите со Анкара.

„Турција се оддалечува од сфаќањето на правната држава, но Германија ќе продолжи да одржува контакти со неа, за да бидат ослободени затворените германски државјани“, истакна Меркел.

Односите меѓу Берлин и Анкара се тензични поради низа фактори, а еден од нив е приведувањето на германски граѓани во Турција под обвинение за поддршка на тероризам или учество во минатогодишниот обид за државен удар. Според податоци на германското Министерство за надворешни работи, во турските затвори во моментот има повеќе од 50 германски државјани, а 12 од нив се сметаат за политички мотивирани случаи.

XS
SM
MD
LG