Достапни линкови

Ирачката полиција се труди да спречи ескалација на насилствата во Киркук


Билборд со кој граѓаните на Киркук се повикуваат на референдум за незнависност

Полицијата се распореди во градот Киркук на северот на Ирак за да спречи крвавите судири да прераснат во етнички насилства во пресрет на референдумот за курдска независност. Локалните жители и претставници денеска рекоа дека ноќеска биле поставени контролни пунктови ширум градот, откако еден Курд беше убиен во судир со обезбедувањето на просториите на туркменската политичка партија. Двајца Курди и еден туркменски чувар биле ранети во престрелката.

Тензиите во етнички мешаниот град се зголемија откако курдското мнозинство во локалниот совет овој месец изгласа да го вклучи и Киркук во референдумот за полуавтономниот курдски регион. Киркук е надвор од границите на Курдската полуавтономна област. И Курдите и централната влада тврдат дека имаат право на градот.

Курдските лидери сакаат гласањето да се одржи на 25 септември и покрај противењето од официјален Багдад и од меѓународната заедница, вклучувајќи ги и ирачките соседи Турција и Иран.

Курдските Пашмерга борци ја презедоа контролата врз градот летото во 2014 година од милитантите на Исламската држава.

XS
SM
MD
LG