Достапни линкови

Ристоска: Замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ за да се оневозможи отуѓување


Ленче Ристоска

Јавната седница на која јавната обвинителка Ленче Ристоска ги образложи причините зошто СЈО и понатаму бара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ во рамки на истрагата „Талир“ заврши. Ристоска изјави дека решението на кривичниот совет од Основниот суд Скопје 1, со кое е одбиено нивното барање за замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, е незаконско.

Според неа, барањето за замрзнување на имотот е за привремено обезбедување на имотот на партијата со цел заштита од можно негово отуѓување. Врховниот суд во наредните денови треба да донесе одлука дали ќе го прифати барањето за заштита на законитоста поднесена од СЈО.

Таа кажа дека главен аргумент на СЈО за замрзнување на имотот е дека веќе еднаш во 2016 година, имотот бил ставен под хипотека кај една од комерцијалните банки.

„Замрзнувањето на имотот е само привремено. Со тоа само би се ставила забрана раководните лица да не можат го отуѓуваат имотот и да нанесат дополнителна штета на политичката партија. Ако ја земаме политичката партија како правен субјект, она што го преземаме ние е во заштита на партијата“, рече Ристоска.

Првоосомничен во случајот „Талир“ е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, а осомничени се и пратениците Илија Димовски, Даниела Рангелова и екс-премиерот Емил Димитриев, генералните партиски секретари Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, шефовите на центарот на комуникации Александар Бичиклиски и Иво Котевски.

XS
SM
MD
LG