Достапни линкови

Невреме во делови од Хрватска, БиХ и Србија


Архивска фотографија: Облаци над Белград

Невреме проследено со силен ветер и наместа со пoројни дождови денеска зафати делови од Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија.

Како што јави порталот Индекс.хр, поројните дождови уште од синоќа предизвикаа проблеми во повеќе реони на Хрватска, а во некои градови се регистрирани и поплави во пониските зони и по улиците.

Состојбата е најкритична на полуосторвот Истра каде е прогласено „портокалово ниво“ на опасност, додека во реонот на Кварнер сообраќајот е во прекин на неколку патни правци кои се целосно под вода.

Според метеоролозите во Црквеница наврнале 183 литри дожд на метар квадратен, поради што центарот на градот бил прекриен со вода, а поплавени се и повеќе домови и деловни објекти.

Проблеми се регистрирани и на островот Крк, каде наврнале 94 литри дожд на метар квадратен.

Студениот бран кој носи дожд и силен ветер од западна Хрватска се движи кон исток и претпладнево ја зафати и Славонија и поголем дел од Босна и Херцеговина.

Од претпладнево невреме проследено со силен ветер ги зафати и западните делови на Војводина во Србија. Српскиот Републички хидро-метеоролошки завод (РХМЗ) објави предупредување дека силниот ветер во текот на попладневните часови ќе се прошири и во Банат, реонот на Белград и во западниот дел на Србија.

Српскиот РХМЗ предупреди и на можна појава на пороен дожд и грмежи во повеќе делови на Србија.

Новинската агенција Бета јави дека поради невремето некои авиони кружат на Србија чекајќи дозвола за слетување или за пренасочување кон некој друг аеродром.

XS
SM
MD
LG