Достапни линкови

Почна интерпелацијата за министерот Димитров


Собранието на Република Македонија ја почна расправата за интерпелацијата за работата на министерот за надворешни работи Никола Димитров, поднесена од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Пратеникот Антониот Милошоски, образложувајќи ја интерпелацијата, рече дека Никола Димитров како министер за надворешни работи потпиша договор со соседна Република Бугарија којшто за Софија е многу поволен, но за Република Македонија е штетен.

„Никола Димитров како министер за надворешни работи по однос на евроинтеграциите пред Комисијата за надворешна политика промовираше принцип на инклузивност каде што власта и опозицијата ќе работат заедно, а на првата прилика каде што можеше да ја покаже таа инклузивност без ниеден законски основ го отстрани Александар Николовски кој ги помина сите процедури да биде амбасадор на Република Македонија во ЕУ,” рече Милошоски.

Тој рече дека идеологијата на министерот Димитров е кариеризмот. Шефот на дипломатијата Никола Димитров, во одговорот за поднесената интерпелација рече дека е изненаден што е поднесена пред истекот на 100-те дена од изборот на Владата, поточно на 71. ден откако ја презел функцијата министер за надворешни работи и покрај тоа што и претходно само на 34. ден од неговото назначување на 4 јули на покана од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Собранието реферирал за неговата работа во првите 30 дена. Од 1 јуни па до денеска, како што посочува, интензивно ги спроведуваме зацртаните приоритети во делот на надворешната политика врз основа на Планот 3-6-9. За стоте дена во период на летни одмори, како што нагласи Димитров, остварил 27 посети во странство.

XS
SM
MD
LG