Достапни линкови

СДСМ ја фали, ВМРО-ДПМНЕ ја критикува Владата


Во денешното соопштение до јавноста СДСМ посочува дека Владата за само сто дена ги унапредила меѓународните односи и ја вратила државата на патот на евроатлантските интеграции.

“Потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија, докажа дека Република Македонија може самостојно да ги решава отворените прашања со соседите, а решенијата да бидат во заемна корист и во заеднички интерес на граѓаните на двете држави”, наведува СДСМ.

Притоа посочува дека на Самитот на Западен Балкан во Трст, во рамките на Берлинскиот процес, со поддршка на Европската Унија, Македонија активно учествувала во иницијативата што ќе ја смени економијата и животниот стандард на граѓаните во земјите на регионот. "Од изолирана и запоставена земја од Западен Балкан, Македонија се наметна како клучен регионален фактор што придонесува за целосна евроатлантска интеграција на регионот", се вели во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција наведува дека Владата на СДСМ одбрала, како што се вели, политика на попуштање и на национално понижување.

”Пред изборите ветуваа брз влез во НАТО и брзо почнување на преговори со ЕУ. Тоа што ветија не го исполнија. Не само што не станавме членка на НАТО и не ги започнавме преговорите со ЕУ, туку се обидуваат да ги измамат граѓаните обидувајќи се да го претстават како успех деблокирањето на препораката за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, односно остранување на условеноста на препораката,” се вели во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ посочува дека за првите сто дена од работата на Владата се случила дипломатска криза со Србија и потпишан е договор со Бугарија којшто, како што се наведува, предвидува обврски само за македонската страна.

XS
SM
MD
LG