Достапни линкови

Македонскиот државен врв упати честитки за 8 Септември


Премиерот Зоран Заев положи венци со свежо цвеќе на гробовите на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски.

Македонскиот државен врв денеска упати честитки до граѓаните по повод 8 Септември - Денот на независнота на Република Македонија.

Претседателот Ѓорге Иванов изјави дека по многувековни борби македонскиот стремеж за слобода е остварен на 8 септември 1991 година.

„Прогласувајќи независност изменивме многу планови. Со тоа се изложивме на неизвесноста да бидеме исклучок од многу правила. Слободата ја постигнавме, но правдата ни беше ускратувана. Патот до меѓународното признавање и интеграција беше и се уште е исполнет со двојни стандарди, негирања и блокади“, рече Иванов.

Премиерот Зоран Заев денеска на градските гробишта Бутел во Скопје оддаде почит и положи венци со цвеќе на гробовите на претседателите на Македонија Киро Глигоров и Борис Трајковски.

На положувањето заедно со премиерот Заев присуствуваше и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Од прес-службата на Владата наведоа дека должната почит кон споменот на двајцата претседатели на овој ден е признание за нивниот исклучителен придонес во создавањето и негувањето на придобивките од независноста на Република Македонија.

Честитка упати и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Тој истакна дека државата издржала бројни искушенија и поминала многу премрежја.

„26 години подоцна како народ и како држава повторно минуваме низ период во кој е потребно многу мудрост, храброст и одлучност во носењето на одлуките и делувањето“, вели Груевски во честитката.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска од врвот Мусица на Бушева планина им го честитаа Денот на независноста на сите граѓани. Со неа беше и морнаричкиот капетан Горазд Бартол, шефот на Канцеларијата за врски на НАТО.

„Во 26-те години независност поминавме низ добри и тешки моменти, но покажавме дека кога се има иста цел, кога сме упорни и истрајни, таа цел е достижна. Денеска ни треба заедништво околу нашата заедничка стратешка цел - членство во НАТО и ЕУ“, рече Шекеринска.

XS
SM
MD
LG