Достапни линкови

Заев на 72 Генерално собрание на ОН во Њујорк, ќе се сретне со Трамп и Гутереш


Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев ќе ја предводи делегацијата на Република Македонија на 72 Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк од 17 до 23 септември, соопшти владината прес-служба.

Во составот на делегацијата на Македонија, ќе бидат и шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерот без ресор задолжен за дијаспората Едмонд Адеми.

Заев ќе присуствува на свеченото отворање на работата на Генералното собрание и ќе има обраќање на тематската конференција „Отворена влада“, со која ќе претседава претседателот на Франција, Емануел Макрон. Предвидено е премиерот Заев да учествува и на повеќе други тематски панели за време на овој светски собир на шефови на држави и влади.

Премиерот ќе има работен ручек со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повеќе други билатерални средби, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, со премиерите на Норвешка и на Малта, како и со претседателот на САД, Доналд Трамп, се наведува во владиното соопштение.

Во рамките на посетата на Њујорк, премиерот Зоран Заев ќе има средби и со претставници на дијаспората на Република Македонија во САД, како и американски бизнисмени.

XS
SM
MD
LG