Достапни линкови

Димитров и Дачиќ воздржани за разузнавачката афера


Српската амбасада во Македонија

Отворен и позитивен разговор за причините за овие неколку турбуленти дена во билатералните односи. Со овие зборови македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров го опиша разговорот со неговиот српски колега Ивица Дачиќ попладнево во Ниш. Тој рече дека разузнавачките активности се многу деликатни и за тоа треба да се биде внимателен и да не се шпекулира во јавноста.

„Но би сакал да кажам две поенти. Прво, допрва треба да се види и да се работи на разјаснување на тие информации. Второ се радувам што тие информации, доколку излезе дека се такви какви што се, ако се точни, не ја инволвираат македонската влада “ рече Димитров.

Неговиот домаќин Дачиќ, одговорајќи на новинарско прашање за тоа кој бил инволвиран одговори дека сознанијата што му ги пренел не се однесувале на владата.

„Јас му укажав на мојот колега на сознанијата на нашите безбедносни служби. Тие не се однесуваат на влада како влада, туку на безбедносниот сектор, секако во сето тоа со учество на странскиот фактор“ рече Дачиќ.

Тој додаде дека не разговарале за позиционирањето на Македонија за гласањето во УНЕСКО за Косово, оти сега таа тема како што рече не е активна. Повторно нагласи дека причината за нивниот потег не било тоа прашање. Димитров пак нагласи дека сега е премногу рано да се изјаснат за позиционирањето за УНЕСКО.

Идната недела двајцата министри кои зборуваа дека ќе работат на идните добри релации меѓу двете земји, повторно ќе се сретнат на стратегискиот форум во Блед, а македонскиот премиер Зоран Заев кој викендов во Албанија ќе се сретне со српската колешка Ана Брнабиќ очекуваат да го посети и Белград.

XS
SM
MD
LG