Достапни линкови

Просечниот доход во Македонија 302 евра месечно


Илустрација-Министерство за финансии

Во Македонија има висока стапка на нееднаквост меѓу граѓаните по основ на доход и постои тенденција на нејзин раст, покажува анализата за доходовна нееднаквост што денеска ја објави Министерството за финансии врз основа на податоци од Управата за јавни приходи. Податоците од анализата покажуваат дека постои голема разлика во месечниот доход, односно ако во 2016 година просечниот личен доход изнесувал 302 евра месечно, најбогатите 1 процент во Македонија имале просечниот доход од околу 4.200 евра месечно.

„Педесет проценти од луѓето во Македонија што остваруваат доход имаат доход што е под 212 евра месечно, 70 проценти имаат доход што е под 297 евра месечно, 90 проценти имаат доход што е под 495 евра месечно, а од друга страна 2 проценти од луѓето имаат доход што е над 1.044 евра, а еден процент од луѓето имаат доход што е над 1.523 евра, истакна Бранимир Јовановиќ, советник во кабинетот на министерот за финансии.

Тој посочи дека највисокиот доход што е остварен во 2016 година изнесувал 2,6 милиони евра, а 15 лица оствариле доход над еден милион евра. Доход над 500 илјади евра минатата година имале 66 лица, над 200 илјади лица доход оствариле 283 лица, а 775 лица имале доход од над 100 илјади евра.

За високата доходовна нееднаквост укажува и податокот дека 775-те лица кои имале над 100 илјади евра доход заедно оствариле доход од 190 милиони евра што е еднакво на вкупниот остварен доход на 210 илјади лица кои имале најниски приходи.

Според Јовановиќ, податоците укажуваат дека се потребни суштински промени во одредени економски политики пред се зголемување на минималната плата и донесување на законот за стечајни работници, како и менување на даночната политика. Со анализата се опфатени околу 90 проценти од граѓаните кои оствaруваат доход или 940 илјади лица.

XS
SM
MD
LG