Достапни линкови

Бечев: Проблемот меѓу Македонија и Србија бргу ќе замре


Димитар Бечев на конференција во 2012 година во Виена, Австрија.

Димитар Бечев од Атланскиот совет во Вашингтон за Радио Слободна Европа изјави дека не е сигурен за природата на заострувањето на односите меѓу Македонија и Србија, бидејќи се слушаат две различни причини. Едната, според него, е дека Македонија ја шпионирала српската амбасада во земјата, а другата дека Македонија се подготвува да го поддржи влезот на Косово во УНЕСКО. Но, тој повторува дека ситуацијата е чудна и дека не е сигурен кои се импликациите.

„Веројатно е дека целата работа ќе замре за неколку денови, особено доколку српскиот претседател Александар Вучиќ зборува за прашањето и ја игра улогата на добар полицаец, за разлика од српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, кој е лошиот полицаец и со тоа тој да биде конструктивниот лидер од Белград. Но, во моментов се уште не знаеме“, вели Бечев.

Тој посочува дека руското министерство за надворешни работи се уште не се изјаснило по прашањето, иако биле прилично гласни, како што наведува, во изминатите месеци додека се развиваше кризата во Македонија. Иако, Бечев е препазлив во доделувањето на некаква улога на Русија, според него, Москва добива од превирањата во регионот, бидејќи се покажува дека агендата на ЕУ и на САД за соработка на Балканот и решавање на конфликтите е проблематична. Русија иако има корист, додава тој, тоа не значи дека таа и стои зад одлуката на Белград. Бечев порачува дека Србија е таа која ја креирала кризата и таа може да ја реши и притоа да добие поени на Западот, што е најверојатното сценарио и објаснување.

XS
SM
MD
LG