Достапни линкови

МВР се коригира, автобусот што се преврте не бил грчки, туку македонски


Илустрација

Најмалку 26 лица се повредени, од кои двајца потешко вечерва откако автобус со патници излета од коловозот на автопатот Скопје - Велес. Повеќе екипи на Брза помош ги извлекуваа повредените и ги пренесуваа во најблиските болници.

МВР ја коригира претходно дадената информација дека автобусот кој излета на автопатот кај Велес бил со грчки регистарски ознаки. Од МВР посочуваат дека станува збор за македонски автобус. Според нивните податоци, 18 повредени се пренесени во скопските болници, а осум во болницата во Велес.

Во изјава за МИА директорот на Ургентниот центар во Скопје д-р. Илир Хасани потврди дека кај нив се примени десетина од повредените патници од кои еден е во тешка состојба.

„Во Ургентниот центар се примени десетина повредени од кои еден пациент се наоѓа во шок соба во потешка општа состојба со повреди на екстремитетите и телото. Во моментот другите се во фаза на иследување“, рече д-р. Хасани.

Директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (Стара Градска болница) д-р. Иван Спировски за МИА информира дека кај нив се примени шестмина кои се во фаза на испитување, а по извршените снимања ќе се утврди дали ќе бидат хоспитализирани.

-„Еден е потешко повреден со контузија на градниот кош и на стомакот и е во фаза на испитување на компјутер. Уште една пациенка е со скршеница на левата надлактица“, изјави д-р. Спировски.

Во Болницата во Велес, пак, се примени осум лица од кои едно дете, но засега не соопштуваат повеќе детали.

Сообраќајката се случила вечерва околу 19 часот на автопатот Скопје - Велес, во близина на зимскиот пункт Кула, кога автобусот изгубил контрола и излетал од коловозот.

Поради сообраќајната незгода сообраќајот на автопатот се одвива отежнато по една коловозна лента.

XS
SM
MD
LG