Достапни линкови

Шпанските власти трагаат по Мароканецот, осомничен за нападите во Барселона


Шпанските власти ја продолжуваат потрагата по Мароканецот, осомничен дека е еден од извршителите на двојниот терористички напад во Барселона и во блиското одморалиште Камбрилс.

Комбе со голема брзина газеше пешаци на најпознатиот булевар Ла Рамбла на 17 август, при што уби 13 луѓе, а десетици беа повредени.

Полицијата соопшти дека трага по 22-годишниот Јунес Абујакуб, но не ги потврди наводите на шпанските медиуми дека токму тој е возачот на комбето кој по нападот избегал.

Една жена загина, а шестмина беа повредени, пак, кога автомобил удри во пешаци во туристичкото гратче Камбрилс во раните утрински часови на 18 август. Полицијата ги застрела петтемина напаѓачи кои носеле лажни експлозивни појаси, а во автомобилот имале секира и ножеви.

Тројца од убиените се Мароканци.

Над 50 повредени од двата напади се во болница, а 12 од повредените во Барселона се во критична состојба.

Полицијата идентификуваше уште тројца осомничени поврзани со нападите. Се верува дека двајца од нив загинале во експлозијата на 16 август, додека се обидувале да направат бомба во куќа во Алканар, 200 километри јужно од Барселона.

XS
SM
MD
LG