Достапни линкови

Земјотреси во Кина, меѓу загинатите има и туристи


Се евакуираат туристи од областа погодена од земјотресот, провинција Сечуан, 9 август 2017.

Расте бројот на жртви од земјотресот со јачина од 6,5 степени, што ја погоди кинеската провинција Сечуан, соопштија тамошните власти. Најмалку 19 луѓе загинале, а 247 се повредени во земјотресот кој на 8 август ги погоди планинските делови на југозападна Кина. Земјотресот го погодил регионот во близина на популарниот национален парк Џиужајго, кој е еден од главните туристички атракции во земјата. Меѓу загинатите се и осум туристи. Над 31 илјади луѓе биле евакуирани од областа, објавија официјалните медиуми.

Првичниот земјотрес на 8 август, беше проследен со стотици послаби потреси, од кои некои денеска достигнаа и 4,8 степени јачина.

На повеќе од 2.000 километри од овој регион, во провинцијата Ксинџијанг, во близина на границата на Кина со Казахстан денеска е регистриран земјотресот со јачина од 6,6 степени. Повредени се најмалку 32 луѓе, а повеќе од 1.000 куќи се оштетени, објави новинската агенција Ксинхуа.

XS
SM
MD
LG