Достапни линкови

Лавров и Тилерсон подготвени за дијалог


Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и неговиот американски колега Рекс Тилерсон, мај, 2017.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска рече дека верува оти неговиот американски колега Рекс Тилерсон е подготвен да продолжи со дијалогот со Русија околу сложените прашања и покрај билатералните тензии и наметнувањето нови американски санкции против Москва.

„Ја почувствуваме подготвеноста на нашите американски колеги да продолжиме со дијалогот. Мислам дека нема друга алтернатива за тоа“, рече Лавров по, како што изјави, долгиот состанок со американскиот државен секретар Рекс Тилерсон на маргините на меѓународниот форум во Манила.

Претходно, двајцата дипломати кои денеска и утре во Манила учествуваат на форумот на Асоцијацијата на држави од Југоисточна Азија(АСЕАН), се смешкаа и разменуваа поздрави, но не дадоа изјави додека новинарите кратко го снимија почетокот на нивната средба. Двајцата ги игнорираа довикувањата на новинарите кои прашуваа како новите санкции ќе влијаат на нивниот разговор.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 3 август на Твитер напиша дека односите со Русија се на опасно ниско ниво. Овие коментари дојдоа еден ден откако Трамп ги потпиша новите санкции против Москва, потег што рускиот премиер Дмитри Медведев го оцени како „целосна трговска војна“ против неговата земја.

Законот усвоен од Конгресот, на кој Трамп се спротивстави, има за цел да ја казни Русија за агресијата во Украина и за наводното мешање во минатогодишните претседателски избори во САД. Беа воведени санкции и против Иран и Северна Кореја. Трамп на крај го потпиша законот, но го оцени за сериозно погешен.

Тилерсон на 1 август рече дека иако односите на Вашингтон со Москва се под значителен притисок, „нема воинственост“ во неговите односи со Лавров.

XS
SM
MD
LG