Достапни линкови

Тилерсон и Лавров се среќаваат на регионалниот форум во Манила


Заедничка фотографија на рускиот министер Лавров и американскиот државен секретар Тилерсон, мај, 2017.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров треба да се сретнат за време на регионалниот форум во Манила што се одржува денеска и утре, во време на растечки тензии меѓу двете земји.

Стејт департментот вчера соопшти дека Тилерсон заминал на разговори со дипломатите од Асоцијацијата на држави од Југоисточна Азија(АСЕАН). На агендата се разговори за „денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, поморската безбедност и борбата против тероризмот“.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Лавров пристигна во Манила, каде што ќе одржи низа билатерални средби на кои ќе бидат разменети мислења „за најитните меѓународни и регионални проблеми“, вклучувајќи ги Корејскиот Полуостров, Сирија и Блискиот Исток.

Американскиот претседател Доналд Трамп на 3 август на Твитер напиша дека односите со Русија се на опасно ниско ниво. Овие коментари дојдоа еден ден откако Трамп ги потпиша новите санкции против Москва, потег што рускиот премиер Дмитри Медведев го оцени како „целосна трговска војна“ против неговата земја.

Законот усвоен од Конгресот, на кој Трамп се спротивстави, има за цел да ја казни Русија за агресијата во Украина и за наводното мешање во минатогодишните претседателски избори во САД. Беа воведени санкции и против Иран и Северна Кореја.

Тилерсон на 1 август рече дека иако односите на Вашингтон со Москва се под значителен притисок, „нема воинственост“ во неговите односи со Лавров.

„Мислам дека тој е посветен, како и јас, да се обидеме да најдеме начин за подобрување на односите“, рече Тилерсон.

Ниту Стејт департментот, ниту руското МНР не специфицираа кога треба да се сретнат двајцата министри.

XS
SM
MD
LG