Достапни линкови

Пожарите на Матка и кај Македонски Брод се уште активни


Пожар во близина на Требовље

Пожарите на Матка и во атарот на село Требовље кај Македонски Брод се уште се активни, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според ЈП Паркови и зеленило, пожарот кај браната Матка е се уште активен, но само чади на непристапен срт (карпа) блиску до браната и не се шири. Нивна екипа постојано го следи.

Во гаснење на пожарот кај Требовље, пак, се ангажирани АРМ и месното население, додека силите на ЈП Македонски Шуми се пренасочени на пожарот кој се ширеше кон местото Фојник.

Активни се и пожарите во атарот на село Дреново во месноста Дреновска Корија каде е зафатена шума со даб, јасен и бука, на падините на Горна Јакупица каде теренот е непристапен и над манастирот Св.Спас близу Богомила.

Активни пожари има и во атарот на селото Дрен - Смолани, во атарот на селото Могилец и во атарот на селото Близанско.

Според ЦУК, пожарот во село Слатина е со намален интензитет и на поедини места горат ниско стеблести дрва.

Во Тетовско активен е пожарот во селото Корито каде интервенира месното население. На пожарот над село Сиричино, Туденце Копанце инервенира екипа на од ЈП Македонски шуми. Моментно гори сува трева и огнот се движи кон сртот на Жеден, но нема опасност по селата и населението.

На пожарот во село Гургурница каде гори сува трева, интервенираат екипи на ЈП Македонски шуми и месно население.

Пожарот кај селата Барово, Чифлик и Св.Петка е локализиран пред да ја зафати боровата шума. Локализирани се и пожарите во атарот на селото Подвис каде гореше нискостеблеста деградирана шума, како и пожарот во атарот на село Девич.

Делумно се локализирани пожарите на Караџица, кај селата Морани и Орешани, но дежурни екипи се постојано на терен.

Пожарот од атарот на село Растеш каде беа загрозени куќите во подножјето, е ставен под контрола од војската и месното население, но не се исклучува можноста во текот на денот поради високите темпетатури да се прошири кон Заград и Битово.

XS
SM
MD
LG